Меѓународен ден за борба против корупција: Заедница од професионалци и бизниси заедно против корупцијата во бизнис секторот

По повод 9-ти декември Меѓународниот ден за борба против корупцијата, заедно со дел од бизнис  лидерите во земјава праќаме порака за важноста од делување против корупцијата во бизнис секторот.

Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на Управен одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје

За АЛКАЛОИД, успесите не се доволни сами за себе, за нас е исто толку важен и начинот на кој ги постигнуваме. Во духот на основните вредности на компанијата, отелотворени во обновениот Код за етичко и деловно однесување, АЛКАЛОИД усвои нова Антикорупциска политика, ги дизајнираше интерните акти и го инсталираше принципот на транспарентност во сите сегменти на своето корпоративно функционирање во насока на превенција и спречување на сите облици на недозволено однесување и на тие темели продолжува да ја гради својата корпоративна култура. Затоа што, одлики на големите се храброста и одговорноста, затоа што, наша привилегија е да претставуваме надеж, поттик и пример за нашето деловно опкружување и општествената заедница.

 

Никола Љушев, Главен извршен директор, Македонски Телеком

Сите чинители во општеството имаат должност да се спротивстават на корупцијата и со пример да покажат дека интегритетот и транспарентноста се вистинските вредности на кои треба да се темели општеството. Бизнис секторот уште поцврсто треба да се бори против ова зло за да создадеме здраво деловно опкружување во кое можат да се развиваат потенцијалот и довербата на младите генерации. Само така позитивно ќе влијаеме на растот на економијата и ќе создадеме подобро општество.

 

 

 

 

Никица Кусиникова,  Извршна директорка на Конект.

Oпштествената одговорност на компаниите е примарен фокус на нашето дејствување, а нулта толеранцијата кон корупцијата е нејзин важен дел. Нашата програма им помага на компаниите да ја препознаат корупцијата во бизнисот,  да осознаат како таа влијае врз нивниот бизнис, и потоа како да ги идентификуваат ризиците од корупција за да изградат програма за нејзино спречување .Заедно со посветените бизнис лидер(к)и креираме заедница на компании коишто сакаат да водат бизнис без корупција, за коишто поткупот и другите форми на корупција се неприфатливи и коишто сметаат дека тоа е можно да стане вистинска вредност и во нашата земја.

 

 

 

Виктор Мирчевски, Програмски раководител во Конект.

Компаниите што се дел од нашата програма особено ја ценат едноставноста и практичниот приод  во матерјалите и ресурсите што им се на располагање. Обуките што ги спроведуваме се интерактивни, ги потикнуваат и обучувачите и учесниците да споделат примери од своето искуство. Поврзуваме компании што во нашата земја се соочиле со слични предизвици за заеднички да си споделат мерки коишто функционираат во пракса. Тоа ги мотивира компаниите да ги подобрат своите политики и процедури, и можеби уште поважно, им дава надеж дека тоа е можно и во нашето опкружување. www.bezkorupcija.mk е платформа која им помага на бизнисите да ја искоренуваат  корупцијата од својот двор и потоа да влијаат и на другите.

 

 

Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Конект и Здружението на даночни советници.